Статут
на здружението Kultur- und Kunstverein „Makedonische Perle“ Düsseldorf
Содржина (§ 1 – § 21)
- § 1 Име, седиште и деловна година
- § 2 Цел на здружението
- § 3 Несебичност
- § 4 Стекнување членство
- § 5 Права и обврски на членовите
- § 6 Престанок на членството
- § 7 Уписнина и членарина
- § 8 Органи на здружението
- § 9 Управен одбор
- § 10 Задачи на Управниот одбор
- § 11 Уметничко и стручно раководство
- § 12 Кореограф
- § 13 Собрание на членови
- § 14 Свикување
- § 15 Донесување одлуки
- § 16 Право на глас
- § 17 Записник
- § 18 Контрола на благајната
- § 19 Заштита на личните податоци
- § 20 Распуштање и наменско користење на имотот
- § 21 Стапување во сила
Неофицијален превод од германски јазик. Правно меродавна е единствено германската верзија на Статутот.
§ 1 Име, седиште и деловна година
Здружението го носи името Kultur- und Kunstverein „Makedonische Perle“ Düsseldorf. По запишувањето во Регистарот на здруженија, името го добива додатокот „e.V.“ (регистрирано здружение).
Скратеното име гласи KKV „Makedonische Perle“ Düsseldorf.
Здружението дополнително го користи и називот на македонски јазик: Културно уметничко друштво „Македонски Бисер“ Диселдорф.
Скратениот назив гласи КУД „Македонски Бисер“ Диселдорф.
Овие називи се неофицијални преводи и не се дел од запишаното име на здружението.
Седиштето на здружението е во Диселдорф.
Адресата е: c/o Др. Николче Шулевски, Daimlerstr. 243, 41462 Neuss
Деловната година е календарската година.
§ 2 Цел на здружението
Здружението со седиште во Диселдорф исклучиво и непосредно остварува општокорисни цели во смисла на делот „Даночно повластени цели“ од Даночниот законик (Abgabenordnung).
Цел на здружението е унапредување на уметноста и културата, како и унапредување на меѓународната свест, толеранцијата во сите области на културата и идејата за разбирање меѓу народите.
Целта утврдена со Статутот се остварува особено преку негување, зачувување и пренесување на македонските народни ора, традиционалната музика, песни, обичаи, народни носии и други облици на културно изразување; редовни проби, часови, работилници и културно-образовни активности; културни настапи, концерти и културни манифестации; учество на фолклорни фестивали и интеркултурни средби; соработка со културни и фолклорни здруженија; како и пренесување на културно знаење на деца, младинци и возрасни.
Здружението е отворено за сите луѓе што ги поддржуваат неговите цели, без оглед на потеклото, националноста, полот, религијата или социјалната позадина.
§ 3 Несебичност
Здружението дејствува несебично; тоа не остварува првенствено сопствени економски цели.
Средствата на здружението смеат да се користат само за целите утврдени со Статутот.
Членовите не добиваат никакви надоместоци од средствата на здружението.
Ниту едно лице не смее да биде фаворизирано преку трошоци што се туѓи на целта на здружението или преку несразмерно високи надоместоци.
§ 4 Стекнување членство
Член може да стане секое физичко лице што ги признава целите и намените на здружението.
Здружението има редовни членови, членови-поддржувачи и почесни членови. Редовните членови активно учествуваат во животот на здружението. Членовите-поддржувачи го поддржуваат здружението пред сè финансиски; на Собранието на членови имаат право на збор, но немаат право да гласаат и да бираат.
Малолетни лица можат да станат членови само со писмена согласност на сите законски застапници; тие истовремено се обврзуваат да ја плаќаат членарината.
Приемот се врши врз основа на писмено барање. За приемот одлучува Управниот одбор.
Управниот одбор одлучува за барањето за прием по слободна оцена. Одбивањето на барањето не мора да го образложи пред подносителот.
На предлог на Управниот одбор, Собранието на членови може членови или други лица што имаат особени заслуги за здружението да ги прогласи за доживотни почесни членови. Почесните членови се ослободени од уписнината и од членарината.
§ 5 Права и обврски на членовите
Секој член има право да ги користи средствата и просториите на здружението и да учествува на заедничките настани. Правото на глас и правото на избор на Собранието на членови се уредуваат според § 4 и § 16 од овој Статут.
Секој член е должен да ги унапредува интересите на здружението, особено редовно да ја плаќа членарината и, според своите можности, со својата соработка да го поддржува животот на здружението.
§ 6 Престанок на членството
Членството престанува со истапување, исклучување или смрт.
Истапувањето се изјавува писмено до Управниот одбор, со отказен рок од три месеци пред крајот на деловната година.
Член може да биде исклучен од здружението со одлука на Собранието на членови, ако а) по своја вина тешко му наштети на угледот или на интересите на здружението или б) повеќе од три месеци доцни со плаќањето на уписнината или членарината и, и покрај писмена опомена со предупредување за исклучување, не ги платил заостанатите обврски. На членот мора да му се даде можност на Собранието на членови да се изјасни за причините за исклучувањето. Причините мора да му бидат соопштени најмалку две недели однапред.
§ 7 Уписнина и членарина
Секој член е должен да плаќа членарина што доспева однапред. Покрај тоа, здружението може да наплаќа еднократна уписнина.
Висината и рокот на доспевање ги утврдува Собранието на членови или Правилникот за членарина што тоа го донесува.
Во оправдани случаи Управниот одбор може да ја одложи, намали или да ослободи од членарината.
Висината на уписнината ја утврдува Собранието на членови.
Почесните членови се ослободени од уписнината и од членарината.
§ 8 Органи на здружението
Органи на здружението се Собранието на членови и Управниот одбор.
§ 9 Управен одбор
Управниот одбор (целокупниот одбор) се состои од шест члена: прв/а претседател/ка, втор/а претседател/ка, трет/а претседател/ка, благајник/чка, секретар/ка и одговорен/а за народните носии.
Управен одбор во смисла на § 26 од Германскиот граѓански законик (BGB) се првиот/ата, вториот/ата и третиот/ата претседател/ка и благајникот/чката. Здружението го застапуваат судски и вонсудски секогаш по двајца од нив заеднички. Секретарот/ката и одговорниот/ата за народните носии заедно со нив го сочинуваат проширениот Управен одбор; тие немаат овластување за застапување.
Членовите на Управниот одбор ги избира Собранието на членови поединечно, со мандат од две години. Повторниот избор е дозволен. Можат да бидат избрани само полнолетни членови на здружението.
Членови на Управниот одбор можат да бидат само членови на здружението; со престанокот на членството во здружението престанува и членството во Управниот одбор.
Управниот одбор останува на функција до изборот на нов Управен одбор (продолжено вршење на функцијата).
Ако член на Управниот одбор предвремено ја напушти функцијата, преостанатиот Управен одбор може за остатокот од мандатот привремено да назначи заменик-член; конечниот избор го врши следното Собрание на членови.
Управниот одбор својата функција начелно ја врши доброволно (без надомест). Собранието на членови може да одлучи на членовите на Управниот одбор да им се исплаќа паушален надомест во рамките на паушалот за доброволна работа (Ehrenamtspauschale, § 3 т. 26a од Законот за данок на доход – EStG); на тоа не постои правно побарување. Инаку, членовите на Управниот одбор имаат право на надомест на докажаните трошоци настанати со нивната работа за здружението.
Правните зделки меѓу здружението и член на Управниот одбор, особено договорите за надомест или хонорар, ги склучуваат во име на здружението двајца други членови на Управниот одбор според § 26 BGB. Засегнатиот член на Управниот одбор нема право на глас при одлучувањето за тоа.
Членовите на Управниот одбор и другите лица што доброволно работат за здружението одговараат кон здружението и кон членовите само за умисла и за груба небрежност (спореди §§ 31a, 31b BGB).
§ 10 Задачи на Управниот одбор
Управниот одбор ги води тековните работи, ги спроведува одлуките на Собранието на членови, управува со имотот на здружението, изготвува годишен извештај, ги подготвува седниците на Собранието на членови, вклучително и дневниот ред, и го претставува здружението нанадвор.
За одделни задачи Управниот одбор може да назначи овластени лица.
§ 11 Уметничко и стручно раководство
Управниот одбор може да назначи стручно или уметничко раководство за фолклорната работа.
Тоа особено може да ги презема пробите, кореографиите, изборот и обработката на фолклорниот материјал, како и стручната подготовка на групите.
Дејноста може да се врши доброволно или со соодветен надомест, доколку тоа е во согласност со прописите за општокорисност. Одредбата од § 9 за правните зделки со членови на Управниот одбор се применува соодветно.
§ 12 Кореограф
Со кореографот/кореографката здружението склучува писмен договор (Договор за кореограф), со кој особено се уредуваат задачите, евентуалниот надомест и правата на користење на здружението.
Ако кореографот/кореографката ја врши дејноста без надомест и е член на здружението, Управниот одбор може да го/ја ослободи од плаќање членарина за времетраењето на дејноста.
Кореографот/кореографката е особено надлежен/на за раководењето и организацијата на една танцова група. Во неговите/нејзините задачи особено спаѓаат организацијата на групата, увежбувањето на кореографии, водењето листа на присуство, како и други задачи уредени со Договорот за кореограф.
Со Договорот за кореограф треба да се уреди здружението да може кореографиите изработени за него да ги користи без временско, просторно и содржинско ограничување. Правата на музиката и на снимките на трети лица остануваат незасегнати; нивното користење треба посебно да се разјасни.
§ 13 Собрание на членови
Редовното Собрание на членови се одржува најмалку еднаш годишно.
Тоа е особено надлежно за избор и разрешување на Управниот одбор, примање извештаи, давање разрешница на Управниот одбор, утврдување на уписнината и членарината, прогласување почесни членови, исклучување членови, измени на Статутот, избор на контролорите на благајната и за распуштање на здружението.
§ 14 Свикување
Редовното Собрание на членови го свикува Управниот одбор најмалку еднаш годишно, по можност во првиот квартал, со рок од најмалку две недели, во текстуална форма и со наведување на дневниот ред.
Предлозите можат да се поднесат до Управниот одбор најдоцна една недела пред собранието.
За внесувањето на навремено поднесен предлог во дневниот ред одлучува Управниот одбор. За предлозите за дневниот ред што Управниот одбор не ги внел или што за првпат се поднесуваат на Собранието на членови, одлучува Собранието на членови со мнозинство гласови од присутните членови; ова не важи за предлози што се однесуваат на измена на Статутот, измена на членарината или распуштање на здружението.
Управниот одбор е должен да свика вонредно Собрание на членови ако тоа го бара интересот на здружението или ако најмалку една десетина од членовите тоа писмено го побараат, со наведување на целта и причините.
Собранието на членови се одржува со лично присуство. Управниот одбор може да определи членовите да учествуваат и без присуство на местото на собранието, преку електронска комуникација (хибридно собрание); исклучиво виртуелно собрание е дозволено само по одлука на Собранието на членови (§ 32 ст. 2 BGB). Членовите што учествуваат електронски ги имаат истите права на збор, предлози и глас; во поканата мора да се наведе како можат да ги остварат овие права.
§ 15 Донесување одлуки
Со Собранието на членови раководи првиот/ата претседател/ка, а во случај на спреченост вториот/ата или третиот/ата претседател/ка. Ако ниту еден од нив не е присутен, собранието избира претседавач.
Секое уредно свикано Собрание на членови е способно да одлучува без оглед на бројот на присутни членови.
Одлуките се донесуваат со просто мнозинство од дадените важечки гласови, доколку со закон или со Статутот поинаку не е определено. Воздржаните и неважечките гласови не се бројат.
При изборите избран е оној што добил мнозинство од дадените важечки гласови. Ако никој не го постигне ова мнозинство, се одржува втор круг меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови; при еднаков број гласови одлучува ждрепка.
За измени на Статутот е потребно мнозинство од три четвртини од дадените важечки гласови.
За измени на целта на здружението е потребна согласност од девет десетини од присутните членови со право на глас.
Измените на Статутот што ги бара регистарскиот суд или даночната управа (Finanzamt) од формални причини или заради стекнување или задржување на општокорисноста, Управниот одбор според § 26 BGB може да ги изврши без одлука на Собранието на членови. Од ова е исклучена измената на целта на здружението. Членовите мора да бидат известени за таквите измени најдоцна со поканата за следното Собрание на членови.
§ 16 Право на глас
Право на глас имаат редовните членови и почесните членови што навршиле 16 години. Секој член со право на глас има еден глас. Правото на глас не може да се пренесува.
Малолетните членови од 16 години наваму своето право на глас го остваруваат лично; законските застапници не се овластени да го остваруваат правото на глас. Членовите под 16 години и членовите-поддржувачи можат да учествуваат на Собранието на членови и имаат право на збор, но немаат право на глас.
§ 17 Записник
За Собранието на членови се води записник, кој особено содржи место, датум, претседавач, записничар, дневен ред, одлуки и резултати од гласањето.
Записникот го потпишуваат претседавачот и записничарот.
§ 18 Контрола на благајната
Собранието на членови избира најмалку двајца полнолетни контролори на благајната за период од две години. Тие не смеат да бидат членови на Управниот одбор.
Контролорите на благајната најмалку еднаш годишно ја проверуваат благајната и поднесуваат извештај до Собранието на членови.
§ 19 Заштита на личните податоци
Здружението обработува лични податоци во согласност со важечките закони за заштита на личните податоци, особено Општата регулатива за заштита на податоците (DSGVO/GDPR) и Сојузниот закон за заштита на податоците (BDSG).
§ 20 Распуштање и наменско користење на имотот
Распуштањето може да се одлучи само од Собранието на членови, со согласност од девет десетини од присутните членови со право на глас.
Во случај на распуштање на здружението, првиот/ата претседател/ка и вториот/ата претседател/ка се ликвидатори што заеднички го застапуваат здружението, доколку Собранието на членови не назначи други лица.
При распуштање или укинување на здружението или при престанок на даночно повластените цели, имотот на здружението му припаѓа на Deutsches Rotes Kreuz e.V. (Германски Црвен крст), Carstennstraße 58, 12205 Berlin, кој е должен да го користи непосредно и исклучиво за општокорисни цели.
Претходните одредби се применуваат соодветно ако на здружението му е одземена правната способност.
§ 21 Стапување во сила
Овој Статут е донесен на основачкото собрание на 27.09.2026 година во Вилфрат (Wülfrath).
Вилфрат, 27.09.2026
Потписи на основачите (најмалку седум полнолетни членови, § 59 ст. 3 BGB):

